Германскиот репрезентативец на Аталанта, Робин Госенс ги одбил понудите од Њукасл и најверојатно ќе заврши во Интер во договор за позајмица со обврска за купување од 22 милиони евра, тврдат италијанските медиуми.
Според „Спортиталија“, откако Интер официјално дале понуда за 27-годишниот Госенс, тој бргу се договорил за личните услови со „нераѕурите“ за годишна плата од 2.5 милиони евра, значително помалку од речиси 4 милиони кои ги нуделе Њукасл.
Аталанта бараа 30 милиони евра за Госенс, но според „Газета дело спорт“, попладнево се согласиле за сума од 22 милиони, која со бонуси ќе достигне 25 милиони евра.
Госенс во моментов е повреден, откако цела сезона се мачеше со проблемот со бутниот мускул, така што е инвестиција за следната сезона на „нераѕурите“ и најверојатно значи дека Иван Перишиќ ќе замине како слободен агент во јули.