Градоначалникот на Џенова, Марко Бучи побара англиската кралица да плати за 247 години „нелегално“ користење на препознатливото знаме со крстот на Св. Ѓорѓи (црвен крст на бело поле), кое го изнагледавме на Мундијалот во Русија.
Бучи тврди дека ги разгледал градските архиви и дека забележил дека Англија престанала да плаќа „годишна рента“ за црвениот крст на бело поле во средината на 18-тиот век.
„Ваше Височество, со тага ве информирам дека според нашите архиви, не сте плаќале последните 247 години“, напиша Бучи во писмо до кралицата Елизабета Втора.
Англија почна да го користи ова знаме во 1190 година на дуждот на Џенова, за англиските бродови да можат да го користат знамето со крстот на Св.Ѓорѓи за заштита од пиратите. Во тој период Џенова, покрај Венеција беше најмоќната морепловска сила во Средоземното Море со речиси комплетна контрола на морињата на запад од Италија.
По ова, ова знаме почна да се користи и во самата Англија на крајот на 13-тиот век, пред со комбинација со шкотското знаме на Св.Андреј да се формира британското знаме во 1606 година.
Според Бучи, Англија престанала да плаќа за користењето на знамето кога Џенова била окупирана од Австрија во 1746 година.
„Секако, ова е полу-сериозно од нас. Наместо кеш, Англија може да помогне во реставрирањето на некои од нашите стари палати или да ги даде парите во добротворни цели“, изјави Бучи.