Хрватска е на чекор до пласман на Светското првенство во Русија следната година, откако во доминантен натпревар во Загреб со 4:1 ги совладаа Грците во првиот европски бараж-натпревар.
Дека „коцкестите“ сериозно сакаат да направат голема предност и да ги решат дилемите уште во првиот натпревар беше јасно од почетокот, кога во првите 19 минути направија водство од 2:0.
Во 13. минута, грчкиот голман Орестис Карнезис (Ватфорд) направи пенал врз Никола Калиниќ, по што Лука Модриќ сигурно од белата точка донесе водство за Хрватска. Само шест минути подоцна во една супер-акција, фудбалерот на Милан, Калиниќ со петица постигна гол за прославата да почне на „Максимир“.
Сепак, во 30. минута, Грција ја искористи првата посериозна шанса, откако преку елегантниот гол на играчот на Борусија Дортмунд, Сократис Папастатопулос стигнаа до прифатливи 2:1. Но, само три минути подоцна, Хрватите покажаа дека имаат убоит напад, кога по одличното нафрлање на Шиме Врсаљко, Иван Перишиќ заби за 3:1.
Конечниот резултат го постави напаѓачот на Хофенхајм, Андреј Крамариќ по грешка на одбраната на Грците само што започна второто полувреме за делириум на 30.000 фанови.
ХРВАТСКА – ГРЦИЈА 4:1
Модриќ 13’ (п), Калиниќ 19’, Перишиќ 33’, Крамариќ 49’ – Папастатопулос 30’