Top Sport

Гулит: Пластичните терени го уништуваат холандскиот фудбал

Поранешниот освојувач на „Златната топка“, Руд Гулит не верува дека Холандија одеднаш нема фудбалски таленти по неуспехот да се квалификуваат на Светското првенство во Русија, но дека „опсесијата“ со пластичните терени претставува сериозна опасност за иднината на фудбалот.

И покрај тоа што „пластичните“ терени не се користат во најдобрите европски лиги, шест клуба во Ередивизие – Хераклес Алмело, Цволе, Екцелзиор, АДО Ден Хаг, Рода и Спарта Ротердам играат на целосно вештачки подлоги. Гулит вели дека е време таквите терени да се „откорнат“ пред да направат поголема штета.

„Јас цело време зборував дека не смееме да имаме вакви терени во Холандија, но тие продолжија да ги промовираат. Луѓето имаа финансиски интерес во тоа, и сега се во бордот на Фудбалската федерација и ќе биде многу тешко да се смени ситуацијата. Одиме наназад и тоа го уништува нашиот фудбал. На вештачки терен има сосема поинаков фудбал. Никаде го нема тоа, освен во Холандија. Сега, никој не сака да дојде да игра во Холандија, а младите заминуваат што е можно побргу. Младите мораат да играат на трева. Најлудото е што во Холандија можеби ги имаме најдобрите природни терени на светот“, вели поранешната ѕвезда на Феенорд, ПСВ, Милан и Челси.

Гулит беше помошник на Дик Адвокат минатата година кога Холандија не успеа да се квалификува на второ големо натпреварување, откако не играше ниту на Евро 2016. Трикратните финалисти од СП и европските шампиони од 1988 година (со генерацијата на Гулит) ќе ги пречекаат Англичаните во петок со надеж за нов почеток.

„Не заборавајте дека бевме во финалето во Јужна Африка во 2010, а во Бразил во 2014 бевме трети, така што можеме да бидеме горди како мала земја. Тоа оди во бранови. Ни недостасуваа нови таленти како Ван Перси, Снајдер, Робен, но и тие ќе дојдат. Проблемот е што младите таленти сакаат до одат во академиите во Премиер лигата и да седат на клупата, а доколку останат во Холандија ќе бидат во првите тимови. Капитенот на Ајакс има 18 години“, додава Гулит.

Scroll to Top