Манчестер јунајтед со 2:0 го победи Манчестер сити, за Оле Гунар Солскјер да продолжи со невообичаената доминација во дуелите со Пеп Гвардиола.
Во осум меѓусебни дуели како тренери на двата клуба од Манчестер, Солскјер сега има 4 победи, 1 реми и 3 порази од Гвардиола, што претставува најлош скор на Каталонецот против тренер со кого играл барем осум пати. Гвардиола исто така има вкупно шест порази од Манчестер јунајтед кога ги водел Сити, исто пати колку што ги победил, иако во овој период токму Сити биле доминантниот тим во Англија.
Гвардиола, признава дека овојпат биле надиграни во нападот, но вели дека приказната треба да биде претходните 21 победи во низа, а не овој пораз.
„Ќе бидеме во вестите бидејќи загубиме. Но, за мене вестите се 21 победа во низа. Има уште 30 поени за играње и почнуваме од почеток. Тоа е фудбалот, понекогаш се случува. Мечот беше фантастичен, а Јунајтед играат со висок пресинг и се брзи на контрите. Игравме добро, но не дадовме гол и мораме да им честитаме. Против Вест хем игравме многу полошо од денеска и победивме. Тогаш не заслуживме да победиме, но сега не заслуживме да загубиме“, вели Гвардиола.