Пеп Гвардиола и Жозе Мурињо имаа големо ривалство во Шпанија и Англија, кое честопати беше „непријателско“, но менаџерот на Манчестер сити, направи необична споредба во желбата за освојување на трофеи.
„Дефинитивно! Во тоа сме вистински близнаци. Но, сите сакаме да освојуваме трофеи. Мислам дека тоа е случајот и со Антонио Конте, Јирген Клоп и Маурисио Покетино, во сите лиги на светот. Никогаш не ги критикувам колегите за начинот на кој играат. Не го правев тоа ниту порано, нема да почнувам сега. Фудбалот е прекрасен поради тоа што секој менаџер има различен стил на работа. Има различни начини да се ужива во фудбалот. Толку е едноставно“, изјави Гвардиола пред неделното манчестерско дерби во Англија.
Сити доаѓаат на „Олд Трафорд“ со предност од осум поени на табелата над локалните ривали, и Каталонецот вели дека мора да го задржат фокусот на тоа што го правеа досега оваа сезона – да играат свој стил на фудбал со посед на топката.
„Големиот предизвик е да се игра добро, да се контролира играта од стартот. Тоа ќе биде тешко бидејќи се работи за Јунајтед на ’Олд Трафорд’. Сакаме да ја играме нашата игра. Фокусот е да се пристигне релаксиран и да знаеме дека ако не ги добиеме индивидуалните дуели ќе биде речиси невозможно да ги победиме. Ќе се обидеме да сме тоа што сме, но никој не знае што ќе се случи“, додава Гвардиола.
Тој се согласува дека мечот не е одлучувачки за титулата.
„Без разлика дали ќе загубиме, одиграме нерешено или ќе победиме, нема да ја освоиме или загубиме Премиер лигата. Уште е декември. Натпреварот е важен бидејќи е Јунајтед, бидејќи можете да им одземете директно поени. Но, истата ситуација е и за нив. Премиер лигата е маратон, а уште не сме до половината“, објаснува Шпанецот.