Top Sport

Гвардиола: Не славевме премногу, инцидентот почнал поради Златан?

Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола демантира дека неговите играчи „претерале“ со прославата по победата на дербито над Манчестер јунајтед, по што се случи тепачка во ходниците на „Олд Трафорд“.

Менаџерот на Јунајтед, Жозе Мурињо беше погоден со шише млеко, а неколку фудбалери на двата тима се обидуваа да се пресметаат во ходниците по 2:1 победата на Сити, откако Мурињо отишол во гостинската соблекувална да им каже на ривалите дека „претеруваат“ со славењето.

„Дефинитивно не беше така. Истото се случуваше и по мечот со Саутемптон. Бевме среќни, беше дерби со најблискиот ривал“, вели Гвардиола.

Во понеделникот англиската Фудбалска асоцијација (ФА) побара двата клуба да се изјаснат за инцидентот. Гвардиола вели дека се надева дека тоа нема да се повтори.

„Луѓето мораат да сфатат дека бевме среќни. Сите тимови кога ќе победат на дерби мечевите се среќни. Кога победувавме со Баерн славевме, кога победувавме со Барселона славевме. Ќе дадам изјава пред ФА и нема да коментирам повеќе“, додаде Гвардиола.

Шпанскиот весник „Марка“ пак, тврди дека целата мешаница започнала по исмевањето на Златан Ибрахимовиќ од страна на играчите на Сити. Швеѓанецот влезе како замена во второто полувреме.

„Сè започнало кога играчите на Сити се потсмевале со Ибрахимовиќ. Дел од тренерскиот тим на Сити, еуфоричен по победата, реши да оди против шведскиот напаѓач. ‘Ибра, ти зборуваш многу, но се движиш малку’ бил коментарот кој Мурињо и Јунајтед го сфатиле како провокација“, тврди „Марка“.

„Дејли мејл“ даде детална верзија на случките.

„Мурињо го испрскаа со вода, беше удрен со празно пластично шише по главата и беше натопен со млеко во мешаницата во која учествуваа 20 играчи и членови на двата тима. Мурињо побарал да се покаже малку почит откако била пуштена музика во соблекувалната. Тој бил конфронтиран од голманот на Сити, Едерсон по што следуваше размена на зборови на португалски јазик. Играчите на Јунајтед го следеа Мурињо во ходникот меѓу соблекувалните, по што почнаа пресметките. Некои играчи се обиделе да упатат удари, а полицијата само гледала“, тврди „Дејли мејл“.

Мурињо имал „пресметка“ со играчите на Сити во тунелот!

Scroll to Top