Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола вели дека мора да го засили дефанзивниот дел на неговиот тим, но дека ќе бара долгорочни решенија, а не само итен потпис во јануари.
Гвардиола има четири сениори во тимот – Џон Стоунс, Николас Отаменди, Винсен Компани и Елиаким Мангала. Меѓутоа, Стоунс е во аут со повреда на бутниот мускул, а Компани исто така не играше во средата против Свонси поради проблеми со мускулот на ногата.
Британските медиуми тврдат дека Сити имаат цел да го добијат Виргил ван Дајк од Саутемптон, но и Ињиго Мартинез од Реал Сосиедад.
„Зборуваме за засилувања во јануари со директорот Чики Бегиристаин, бидејќи имаме само тројца дефанзивци. Не сакаме да најдеме некој за само неколку месеци, туку некој кој ќе биде тука со години“, вели Гвардиола.
Сити имаат 11 поени предност во Премиер лигата по рекордните 15 победи во низа, но Гвардиола вели дека можат да бидат уште многу подобри.
„Рекордите се тука да се рушат. Среќен сум од резултатите, но и од нашата игра. Статистиката е добра, но имам чувство дека можеме да бидеме и многу подобри“, вели Гвардиола.