Top Sport

Гвардиола: Празничниот англиски фудбал е „катастрофа“ за фудбалерите

Пеп Гвардиола смета дека напорниот зимски распоред за играчите во Премиер лигата е катастрофа за фудбалерите, откако неговите Манчестер сити ги загубија Габриел Жесус и Кевин де Бројне поради повреди.

Сити денеска го пречекуваат Ватфорд, откако загубија поени само вторпат оваа сезона по 0:0 ремито со Кристал Палас. На тој меч, Жесус го повреди коленото и може да паузира до два месеци, додека за Де Бројне уште се чека дефинитивната оценка на лекарите.

И покрај ова, Сити мора да се подготви за 10-тиот меч во последните 30 дена, иако имаат 14 поени предност пред Челси.

„Ако ме прашувате дали технички, физички ова е добро за играчите, тогаш јасно е дека не е. Ова е катастрофа. Прашајте ја федерацијата. Ова е традиција и морам да се навикнам. Минатата сезона игравме на ‘Енфилд’ и загубивме, два дена подоцна игравме дома против Барнли и 65 минути игравме 10 против 11 играчи. Тоа е што е. Но, лигата е лига. Одлучуваат дека ќе играме на Божиќ и мораме да го послушаме тоа. Некогаш имаме еден ден, некогаш три дена за опоравување. Дали мислам дека ќе ги натераме да сменат нешто? Нема шанси“, вели Гвардиола.

Scroll to Top