Пеп Гвардиола потврди дека Лирој Сане ќе си замине од Манчестер сити и ќе потпише за Баерн Минхен, откако претходно беше објавено дека трансферот ќе ги чини Баварците 50-тина милиони евра.
Се очекува 24-годишниот Сане да потпише петгодишен договор со шампионот од Бундеслигата откако одби шанса да го продолжи договорот со „граѓаните“. Сане беше стандарден првотимец претходната сезона на „Етихад“ пред поради повреда на лигаментите на коленото да пропушти поголем дел од 2019/20.
„Има уште некои детали, но изгледа дека ќе замине во Минхен. Му посакуваме најдобро и му благодариме за заедничките години, и очекувам дека ќе има нова брилијантна форма во Баерн Минхен. Тој сакаше да замине и секој има право да носи одлуки сам. Јас сакав да го заддржам, но тој верува дека таму ќе биде посреќен“, изјави Гвардиола.
Сане беше едно од првите засилувања на Гвардиола кога тој пристигна во Сити, носејќи го од Шалке во 2016 година, и оттогаш тој имаше 39 гола и 45 асистенции во 135 меча за тимот освојувајќи две титули од Премиер лигата.