Top Sport

Гвардиола во неочекувана одбрана: Препознајте ја вредноста на Солскјер

Пеп Гвардиола му даде поддршка на Оле Гунар Солскјер пред неговите Манчестер сити да гостуваат на „Олд Трафорд“ во саботното манчестерско дерби, откако Јунајтед излета од Лигата на шампионите по поразот од РБ Лајпциг.

„Ѓаволите“ се на еден поен и едно место пред Сити на табелата во Премиер лигата, и Гвардиола смета дека на Солскјер не му се потребни совети од него.

„Затоа добиваме висока плата, да се справиме со овие ситуации. Најважно е да се препознае вредноста на Солскјер, нема сомнеж во тоа. Не морам да му давам поддршка бидејќи тој е доволно силен и знае како да си ја врши работата. Кога ќе победиме, тогаш сме генијалци, кога ќе загубиме, треба да добиеме отказ. Тоа се случува во Јунајтед и во секој клуб во светот, тоа е реалноста“, вели Гвардиола.

Дербито во Манчестер ќе се игра без присутни фанови, бидејќи овој град уште е во најтешко погодениот регион на Англија од КОВИД-19.

„Секако, би било поубаво да имаме фанови, но вирусот уште е тука. Кога ќе ги отвориме стадионите, тогаш ќе се вратат. Навивачите се толку лојални, што може да го забележите на социјалните медиуми – секој има свое мислење“, објаснува Каталонецот.

Scroll to Top