Поранешниот легендарен тренер на Баерн Минхен, Јуп Хајнкес вели дека клубот направил вистинска одлука откако му даде постојан договор на Ханси Флик до 2023 година.
Флик, поранешниот помошник на Јоаким Лев во германската репрезентација, го замени Нико Ковач во ноември и успеа да го „крене“ тимот со 18 победи во 21 меча за враќање на првото место на табелата со четири поени предност пред Борусија Дортмунд и 3:0 победа во првиот меч од осминафиналето на ЛШ против Челси.
74-годишниот Хајнкес, кој ја освои славната тројна титула во 2012/13, верува дека е направен вистински потег.
„Баерн направи мудра одлука со Флик. За мене тој е идеален тренер бидејќи има доволно искуство, компетентен е и сериозен човек со совршено јавно поведение. Му посакувам многу успех со моите Баерн Минхен“, вели Хајнкес за „ДПА“.
Хајнкес имал и „советничка“ улога во ангажирањето на Флик, откако извршниот директор Карл-Хајнц Румениге откри дека зборувал со него пред да го ангажираат.
„Според Јуп, Ханси беше совршен за Баерн и мислам дека не згреши“, вели Румениге.