Јуп Хајнкес вели дека „многу добриот тренер“ Томас Тухел би бил негов добар заменик на клупата на Баерн Минхен, посочувајќи дека останува на своето дека заминува од клубот на крајот на сезоната.
72-годишниот Хајнкес се врати на клупата на Баерн по четврти пат на почетокот на сезоната откако клубот го отпушти Карло Анчелоти, и сега вели дека поранешниот шеф на Борусија Дортмунд би бил негова добра замена. Со Хајнкес, Баерн ја „свртеа“ сезоната и се блиску до нова титула од Бундеслигата, а речиси се и во четврт-финалето на Лигата на шампионите откако во првиот меч ги декласираа Бешикташ.
„Дојдов бидејќи Баерн беа во многу тешка позиција и не можеа да најдат тренер со кого би биле сигурни, така што им кажав дека сум подготвен да дојдам до крајот на сезоната. Тоа е договор кој уште стои“, вели Хајнкес во интервју за „Спорт билд“.
По Анчелоти, во Баерн беа сигурни дека сакаат германски тренер, а еден од фаворитите беше Јулијан Нагелсман, откако ги предводеше Хофенхајм до четвртото место во лигата, но постојат сомнежи дали тој е подготвен за голем клуб. Претседателот на клубот, Ули Хенес неколку пати изрази желба Хајнкес да остане, но тој одговара дека „не се остваруваат сите соништа“. Но, тој има совет за клубот – да го ангажираат Тухел.
„Мислам дека Томас Тухел има квалитет да го предводи Баерн. Тој постојано покажуваше квалитет, уште во времето кога беше во Мајнц. Со него, Борусија играа атрактивен фудбал и уживав да ги гледам. Затоа го ценам многу и го сметам за голем тренер“, додава Хајнкес.
44-годишниот Тухел замина од БВБ по конфликтите со официјалните лица на клубот и со репутација дека со него е „тешко да се работи“.