Манчестер Сити синоќа сензационално испадна од ФА купот. Во 5.коло, Виган го порази Сити со 1:0. Покрај лошата игра, играчите, менаџерот Гвардиола и навивачите на водечката екипа во Премиер лигата недолично се онеднесуваа за време и по завршувањето на натпреварот.
Пеп Гвардиола на крајот од првото полувреме, кога Сити остана со играч помалку поради директниот црвен картон кој го доби Фабијан Делф, во тунелот кој води кон соблекувалните, се обиде физички да се пресмета со колегата од Виган Пол Кук, но инцидентот навреме беше спречен.
Хаос на стадионот во Виган настана по завршувањето на натпреварот, кога домашните навивачи влетаа на теренот да ја прослават големата победа со своите фудбалери.
Во мешаницата некој од навивачите нешто му дофрлил на Кун Агуеро, а нервозниот Аргентинец го удри со тупаница и потоа тргна кон него за да ја заврши работата, но во намерата го спречија домашните играчи и дел од навивачите.
Во исто време и навивачите на Сити се обидоа да влезат на теренот. Тука реагирала полицијата, паднале неколку удари, а потоа навивачите врз полицајците фрлиле рекламно пано.
Виган поради инцидентите се соочува со казна од ФА, а неказнет нема да мине и Кун Агуеро и веројатно менаџерот Гвардиола.