Поранешниот велшки интернационалец Џон Хартсон, кој во кариерата играше за тимови како Селтик, Арсенал и Вест Хем открива дека обложувањето на фудбал за малку ќе го чинело животот.
42-годишниот Хартсон вели дека сите британски букмејкери го обожавале и секогаш му давале посебно место на концертите и на фудбалските натпревари, само за тој да може без проблеми да се обложува.
„Десет години сите букмејкери ми поставуваа посебни маси на трките со коњи во Челтенхем само за мене и моите пријатели. Кога имаше четиригодишен фудбалски договор со 40.000 фунти приход секоја недела не размислуваш за облозите. Кога се префрлив на обложувањето преку интернет, тоа беше како играта монопол. Не ги гледаш парите. Имав акаунти на седум-осум компании и постојано се обложував. Ми беше дијагностициран рак и бев во болница, а веднаш по операцијата на мозокот, излегов и веднаш отидов да се обложувам“, открива Хартсон.
На крајот, токму сопругата Сара го натерала да се откаже.
„Нејзе и беше преку глава од тоа што ги игнорирам моите ќерки, одам на ТВ и гледам крикет, голф или трка со коњи на кои имав ставено 5.000 фунти. Реши да ги спакува куферите и да си замине. Тогаш решив дека морам да престанам. Побарав професионална помош, и сега сите пари кои ги заработувам одат на сметката на мојата сопруга. Поминаа точно шест години од мојот последен облог и сега уживам“, додава Хартсон.