Капитенот на Ливерпул, Џордан Хендерсон открива дека на тренинг имал инцидент со Луис Суарез, по кој сакал да го „убие“ уругвајскиот напаѓач.
Суарез пристигна на „Енфилд“ во јануари 2011 година, додека Хендерсон дојде од Сандерленд тоа лето, и Англичанецот сега открива дека понекогаш се чувствувал омаловажен од неговото однесување.
„Го давав максимумот. Како фудбалер, секогаш си соочен со критики и со луѓе кои се сомневаат во тебе. Тогаш бев млад и имаше две-три работи кои Луис ги правеше на тренинг кои не ми се допаѓаа. Ме правеше да се чувствувам дека не сум доволно добар. Тој ги креваше рацете со израз на лицето: ’Што бара овој тука’ и тоа ме навреди. Трипати го направи тоа и тогаш бев подготвен да го убијам“, вели Хендерсон.
Сепак, 29-годишниот Хендерсон потоа имал одлични односи со Уругваецот, пред тој да замине за Барселона во 2014.
„Оттогаш, имав добри односи со Луис. Следниот меч му наместив гол. Тој беше брилијатен за мене и бев близок до него, бидејќи беше голем фудбалер од кого научив многу“, додава Хендерсон.