Менаџерот Марк Хјуз предупреди дека неговото можно отпуштање и именување на нов менаџер на Стоук сити не мора да значи дека формата на тимот ќе се подобри.
Лидерите на клубот според британските медиуми се во дискусија за промени во клубот, посочувајќи дека Хјуз е на само еден пораз од отпуштање – во саботниот меч со Вест Бромвич Албион.
Стоук, кои се 16. во Премиер лигата со само еден поен над опасната зона, имаат само една победа во последните осум меча. Дејвид Мојс, кој ги „сврте“ работите во Вест Хем по отпуштањето на Славен Билиќ, им донесе 3:0 победа минатата недела, но Хјуз вели дека е тешко да се верува дека ќе биде исто и во Стоук.
„Дали ќе донесете некој однадвор, кој не го познава тимот, ограничувањата, добрите страни и слабостите? Или ќе продолжите со човекот кој работел со нив солидно добар период и знае што може да се оствари? Го знаете моето мислење за тоа“, прашува Хјуз.
Велшанецот, кој веќе четири години е на чело на Стоук, вели дека тој знае како да го „крене“ профилот на клубот.
„Не сме таму каде што очекуваме, и го признавам тоа. Но, го знам тимот и знам дека е способен да освојува поени. Ние сме тим од Премиер лигата, и тоа голем тим од Премиер лигата и така ќе остане“, додава поранешниот играч на Манчестер јунајтед.