Top Sport

Хоџсон е „неуништлив“ – Палас му нуди нови две години

Поранешниот англиски селектор, Рој Хоџсон најверојатно ќе добие нов двегодишен договор со тимот на Кристал палас, откако ги спаси „Орлите“ од испаѓање за да остане најстариот менаџер во Премиер лигата.

71-годишниот Хоџсон очекува да добие одговор на барањето за двегодишен договор следната недела кога ќе се сретне со челниците на клубот.

„Морам да бидам искрен и да кажам дека тоа во моментов не ми беше еден од приоритетите. Не ми пречи да имам нов договор, но тоа треба да го одлучат во клубот“, вели Хоџсон.

Сер Алекс Фергусон беше најстар тренер во Премиер лигата пред да се пензионира на чело на Манчестер јунајтед на 71 година во 2013 година. Следен најстар беше Арсен Венгер, тренерот на Арсенал кој заминува на крајот на сезоната, со 68 години.

„Фокусот беше на клубот и да видиме како ќе одиме напред следната сезона за да не се најдеме повторно во иста ситуација. Стив Периш и другите сопственици на Божиќ мораа да размислуваат за следниот тренер бидејќи ситуацијата беше очајна и тоа нема да се повтори“, додава Хоџсон.

Хоџсон дојде на „Селхарст парк“ во тим кој имаше седум порази во првите седум меча од сезоната, но сега се на 11. место на шест поени од зоната за испаѓање на два меча пред крајот на сезоната.

Scroll to Top