Семејната трагедија и недостатокот на прогрес како тинејџер го натераа Хозе Искиердо блиску до заминување од фудбалот, но преку напорна работа Колумбиецот успеа да направи пресврт во животот и да ги предводи Брајтон & Хоув Албион до успех во Премиер лигата.
Тимот од југозападниот брег на Англија ги надмина сите очекувања оваа сезона со 12. место во Премиер лигата, во првата сезона во првата лига од 1983 година, а еден од клучните луѓе во успехот е токму Искиердо.
Но, неговата кариера за малку ќе беше прекратена пред да започне по смртта на неговиот постар брат Диего Хулиан кога Хозе имаше само 14 години во сообраќајна несреќа. Тој бил талентиран фудбалер, но повеќе ја сакал забавата отколку фудбалот, признава Искиердо.
„Нивото на кое стигнав во фудбалот е поради неговата инспирација. Сѐ ова е подарок за него. Тој е на небото. Верувам во Господ и знам дека ме гледа и дека брат ми е горд на моите успеси. Мајка ми сакаше да играм тенис, но кога отидов на тренинг почнав да го шутирам тошчето. Тренерот Вилсон Сепулведа ми рече дека фудбалот е за мене, но прво сакав да бидам голман. Колумбија имаше многу легенди голмани како Рене Игуита, Фарид Мондграгон и Оскар Кордоба и сакав да сум како нив. Затоа почнав како голман, но забележија дека можам и да дриблам“, вели Искиердо.
Негов прв клуб во Европа беше Бриж во Белгија, и вели дека кога дошла шансата, тој морал да ја зграби.
„Мораш да одиш напред и да ја креираш својата иднина. Фудбалот ни дава шанса да помогнеме на нашето семејство, на пријателите, на луѓето кои ги сакате. Во Колумбија постојано е 25-30 степени, а ќе пристигнеш тука во Европа и доаѓаш на студ и посакуваш да се вратиш дома веднаш. Сам си и ако немаш идеја во главата, тешко е да живееш. За малку ќе се откажев од фудбалот, а потоа бев најдобриот фудбалер во Белгија“, додава Искиердо.
Откако ја освои „златната копачка“ во Белгија во 2016, Брајтон го сруши сопствениот рекорд да го донесе во Премиер лигата. Инвестицијата се исплатеше.