Хрватската држава ќе мора да му плати на Хрватскиот фудбалски сојуз (ХНС) над 70 милиони куни (околу 9.5 милиони евра) поради судска пресуда за непочитување на договор за спонзорство, јавува „Спортске новости“.
Договорот беше потпишан во 1999 година од министерот за туризам Иван Херак, кој од неодамна е главен менаџер за стратешко планирање и промоции во ХНС. Министерството за туризам склучило тригодишен договор со ХНС за главно спонзорство со 2 милиони германски марки годишно, по што федерацијата требаше да го постави слоганот и рекламите на министерството на сите стадиони.
Од овие пари, ХНС добил само 600.000 куни, а Херак набргу беше уапсен за проневера на државни пари. Павле Жупан Русковиќ, следниот министер престана да ги исплаќа парите, а ХНС одговори со тужба. На крајот, државата му должи на ХНС 24.8 милиони куни, сума која нарасна на 70 милиони куни поради камати.