Иако се веруваше дека трансферот на Давид Алаба од Баерн Минхен во Реал Мадрид е само формалност, преговорите на „кралевите“ со претставниците на Австриецот „заглавија“, откако Алаба барал да има повисока плата дури и од капитенот Серхио Рамос.
Алаба повеќе пати преговараше и со Баерн Минхен за продолжување на договорот кој му истекува во текот на летото, но не успеаја да се договорат поради неговите високи побарувања, а поранешниот претседател Ули Хенес го нарече неговиот агент Пини Захави, „пирана која мисли само на парите“.
Реал се подготвени за договор, бидејќи сметаат на Алаба како на нов лидер на одбраната на тимот, но Захави бара плата од 13 милиони евра (по данок) за неговиот клиент. Ова значи дека тој би бил најплатениот фудбалер на „кралевите“ пред Серхио Рамос, кој има 12 милиони евра по сезона. Реал се подготвени за малку пореална сума од 10 милиони евра годишно, но постои и можноста Баерн да го убедат 28-годишниот Алаба да остане.
Легендарниот Оливер Кан, кој е член на бордот на Баерн не се согласува со ваква завршница.
„Веќе поставивме црвен тепих за Давид Алаба и дојдовме до нашите граници. Давид и неговиот застапник Пини Захави не сакаат да одат по нашиот тепих“, изјави Кан за „Билд“.