Златан Ибрахимовиќ по сѐ изгледа планира да го исполни ветеното и да дојде на „Вембли“ на натпревар на англиската репрезентација со англиски дрес по загубениот облог со Дејвид Бекам.
Пред Англија да ја совлада Шведска со 2:0, Ибрахимовиќ и Бекам беа вклучени во необичен облог преку социјалните мрежи. Златан прв го предизвика својот ексколега од ПСЖ Бекам, велејќи дека ако победат Англичаните, Бекам ќе има вечера било каде на светот, а доколу победи Шведска, Бекам ќе мора да му купи што тој сака од „ИКЕА“.
Бекам на ова врати со поинаков облог – доколку Шведска победи тој лично ќе отиде со него во „ИКЕА“, но ако победи Англија, тогаш Ибра ќе мора да дојде на „Вембли“ со Бекам и покрај „срамот“ да носи англиски дрес, ќе мора да издржи уште една казна – да јаде „фиш енд чипс“ (риба и компири) на полувреме.
Швеѓанецот кратко одговори на Бекам по загубениот облог.
„Дејвид Бекам, доаѓам! Честитки“, напиша Ибрахимовиќ.
Ова ќе биде крајно понижување за Ибрахимовиќ, кој славно им даде четири гола на Англичаните на пријателскиот меч во 2012 година (4:2), вклучувајќи го најневеројатниот гол со ножички од повеќе од дваесет метри.
На „маката“ на Златан му се надоврза и Вејн Руни, кој сега ќе му биде ривал во американската МЛС лига откако потпиша за Ди си јунајтед, кој на Твитер му порача: „Како си другарче? Ако ти треба некој да зборуваш тука сум“.
На крајот, и официјалниот Твитер профил на стадионот „Вембли“ се јави во дискусијата, порачувајќи му дека е добредојден на легендарниот стадион.
Златан изгуби – треба да носи англиски дрес и да јаде „фиш енд чипс“