Златан Ибрахимовиќ би можел да се врати на фудбалските терени порано од она што го предвидуваат лекарите.
По тешката повреда и операцијата на лигаментите на коленото, прогнозите на лекарите беа дека Ибрахимовиќ ќе може да му се врати на фудбалот на почетокот на 2018 година, но информациите што ги пласираат англиските медиуми говорат дека напаѓачот на Манчестер јунајтед ќе конкурира за место во тимот на почетокот на декември.
Прогнозите се дека Ибрахимовиќ ќе започне да тренира со полн интензитет за две недели.
„Се чувствувам добро по операцијата, тренирам секојдневно. Кога ќе е вратам, ќе бидам уште подобар, ќе бидам подобра верзија на стариот Златан. Замислете како ќе изгледа тоа“, изјави неодамна Ибрахимовиќ.
Менаџерот на „црвените ѓаволи“, Жозе Мурињо, очекува Ибрахимовиќ да биде во тимот за дербито со Арсенал, кое на програмата е на 2 декември.