Top Sport

Ибрахимовиќ: Ако им требам на Јунајтед знаат каде да ме најдат

Златан Ибрахимовќ ќе биде без ангажман за три месеци кога ќе му заврши договорот со Лос Анџелес Галакси. Во еден разговор тој им се понудил на своите поранешни работодавачи од Манчестер Јунајтед.

Ибрахимовиќ кој има 38 години е убеден дека се уште може да одговори на предизвиците во Премиер лигата. Сезонава тој има постигнато 22 гола за Галакси, а како играч на Јунајтед во сезоната 2016/2017 постигнал 28 гола.

„Секако дека можам да играм во Премиер лигата, доколку сум им потребен на Јунајтед јас сум тука. Сепак во моментов имам договор со Галакси, така што ми е жал за навивачите на Манчестер Јунајтед“, рекол Ибрахимовиќ.

Ветеранот рекол дека ги гледал натпреварите на Манчестер Јунајтед оваа сезона и дека му е жал што не победиле против Кристал Палас.

„Мислам дека немаа среќа. Доколку го реализираа пеналот се ќе беше поинаку, но знаете во Англија мечот не е готов додека судијата не свирне крај. Се може да се случи во последните минути. Исто така редовно се слушам со Пол Погба. Многу го советувам, но тоа нема сега да го поделам со вас“.

Доколку Манчестер Јунајтед решат да го донесат Ибрахимовиќ тоа ќе можат да го направат дури на 1 јануари кога ќе започне зимскиот преоден рок.

Scroll to Top