Повеќе италијански извори тврдат дека Гонзало Игуаин го раскинал својот договор со Јувентус, но тоа ќе стане официјално откако тој ќе потпише со клубот на Дејвид Бекам, Интер Мајами, и наводно тој веќе отпатувал за САД.
32-годишниот Игуаин веќе доби јасна порака дека не е во плановите на новиот тренер Андреа Пирло, и според „Скај спорт Италија“ и „Тутоспорт“ постигнат е договор со италијанскиот клуб за прекин на договорот една година пред истекот и затоа тој не учествувал на денешните тренинзи.
Се верува дека Пипита ќе добие под половина од платата која ќе ја заработеше со Јувентус во последната сезона, односно околу 4 милиони евра. Во Интер Мајами тој ќе игра со уште еден поранешен фудбалер на Јуве, Блез Матуиди, а во САД е и неговиот брат Федерико Игуаин, кој игра за Ди Си јунајтед.
Јувентус платија 90 милиони евра за да откупат неговиот договор со Наполи во 2016 година, неколку дена откако го постави рекордот во Серија А од 36 гола во една сезона. Тој беше позајмен во Милан и Челси во сезоната 2018/19.