Мауро Икарди уште еднаш ги отфрли шпекулациите дека е блиску до трансфер во Реал Мадрид, велејќи дека е посветен на целта – со Интер, клубот каде што е капитен, да освои трофеј.
Околу аргентинскиот напаѓач долго време се вртат шпекулации дека Реал Мадрид е неговата посакувана дестинација, а лошата форма на тимот од „Сантијаго Бернабеу“ ги зголеми вестите дека во јануари тој ќе замине од Милано.
„Не мислам дека сега е вистинското време за тоа, со оглед на резултатите. А од друга страна, добро ми е таму каде што сум. Секогаш сум ги кажувал јасно целите – да се вратиме во Лигата на шампионите со Интер, па потоа да освоиме нешто. Спортскиот директор Пјеро Аусилио направи одличен тим и покрај тоа што не трошевме многу“, вели Икарди во интервју за „Кориере дело спорт“.
Договорот на Икарди завршува во 2021 година, и Аусулио пред два месеци изјави дека очекува 25-годишниот Аргентинец да го продолжи договорот.
„Не се брзам никаде, кога ќе дојде време ќе разговараме“, изјави Икарди, кој има постигнато седум гола во 10 меча од Серија А оваа сезона.
Фото: ЕПА