Репрезентативците на Колумбија се вратија дома откако го завршија своето учество на Светското првенство во Русија. Фановите им приредија спектакуларен пречек, само на аеродромот во Богота, репрезентативците биле поздравени од 25.000 навивачи.
Колумбија, го освои првото место во Х-групата, откако загуби од Јапонија 1:2, а потоа ги победи Полска 3:0 и Сенегал 1:0. Во осмина-финалето, Колумбијците потклекнаа во пенал серијата против Англија. Дуелот во регуларниот дел и по продолженијата заврши 1:1, а по пенал серијата Англичаните славеа со 3:4.
Целокупната јавност во Колумбија по мечот не го криеше незадоволството од начинот на кој главниот судија Мајк Гајгер во судел натпреварот.
Ниту испаѓањето од Светското првенство, ниту судијата Гајгер, сепак не ја намалија еуфоријата кај фановите кои на спектакуларен начин ги пречекаа „хероите на нацијата“.
Од аеродромот во Богота до стадионот „Ел Кампин“, репрезентативците ги пречекаа илјадници фанови, а стадионот беше исполнет до последното место.
Со овации навивачите ги поздравија селекторот Хозе Пекерман и ѕвездите на Колумбија Фалкао, Хамес Родригез, Јери Мина, Дависон Санчез, Муриел, Бака….