Фудбалерите на Индепендиенте ја освоија титулата во Копа Судамерикана, натпреварување кое е еквивалент на Лига Европа.
Аргентинскиот тим во реваншот одигра 1:1 во Рио де Жанеиро против Фламенго и благодарение на победата во првиот меч (2:1) го освои трофејот.
Индепендиенте вторпат во историјата победи во Копа Судамерикана, а со триумфот обезбеди настап во Копа Либертадорес.
Аргентинскиот клуб со оваа титула го задржа 100-процентниот ефект во финалните натпревари. Индепендиенте седум пати играл финале во Копа Ливертадорес и двапати финале во Копа Судамерикана и ниту еднаш не останал без титула.
Натпреварот на „Маракана“ во Рио де Жанеиро, кој го следеа 56.000 навивачи, со гол го отвори Лукас Пакета. До крајот на првото полувреме причина за радост имаа и 4.000 аргентински навивачи кои го славеа голот за 1:1 кој го постигна Езекијел Барко. Овој 18-годишен напаѓач реализираше пенал и го постави конечниот резултат.
Реваншот во Рио де Жеанеиор мина и во знакот на инцидентите кои ги предизвикаа навивачите на Фламенго. Повеќе стотици навивачи на домашниот тим ги нападнале гостинските навивачи низ улиците околу стадионот, поради што полицијата морала да ја смирува ситуацијата со солзавец.