Top Sport

Инфантино во Фиренца им ги урна надежите на Италијанците и се потсмеваше со Јуве

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино денеска беше во посета на Фиренца во чест на Артемио Франки, каде што повторно беше запрашан за можноста Италија да биде повикана за Светското првенство во Катар по можноста Иран да биде исклучен, одговарајќи им кратко на новинарите: „Бидете сериозни, ве молам…“

Италијанските медиуми по поразот од Македонија шпекулираа дека „аѕурите“ како актуелни европски шампиони и највисокорангирана репрезентација која не успеа да се квалификува за Мундијалот може да добие последна шанса за настап ако Иран биде исклучен откако на 2.000 жени не им беше дозволен влез на мечот против Либан.

Ова веднаш беше демантирано од членката на Извршниот одбор на ФИФА, Евелина Кристилин, а сега и Инфантино јасно им стави на знаење дека е несериозно да се помислува на таква работа.

Покрај ова, Инфантино им се „замери“ и на фановите на Јувентус, велејќи дека е совршен да се биде во Фиренца, бидејќи Фиорентина и Интер победија, а Јувентус загуби.

„Прво, тука сме во Фиренца. Фиорентина победи, Јувентус загуби, така што работите се добри. Интер победи, така што сум среќен, ова е совршен ден да си во Фиренца. Ова е многу возбудлива сезона во Италија“, изјави Инфантино.

Scroll to Top