Пол Инс, еден од ретките фудбалери кои во својата кариера ги носеле дресовите на Манчестер јунајтед и Ливерпул, вели дека Ливерпул ја применил старата стратегија на Јунајтед за напаѓачки фудбал и дека поради тоа можат да станат европски шампиони утре во Киев.
Тимот на Јирген Клоп се гордее со својот „хеви метал фудбал“ оваа сезона, постигнувајќи пет гола во два меча против Манчестер сити во четврт-финалето на ЛШ и седум против Рома во полуфиналето. Одбраната не е толку ефикасна, но Инс вели дека мечевите се победуваат со голови.
„Клоп знае дека неговиот тим дозволува голови. Да бидеме искрени, тоа е така подолго време. Но, тој ја има таа филозофија на Манчестер јунајтед од минатото – ако тие постигнат два гола, ти дај три! По финалето на ФА купот, фановите на Јунајтед секако би сакале да имаат таков менталитет сега. Клоп знае дека што и да се случи во сабота навечер, Реал ќе даде гол, но Ливерпул може да даде повеќе голови. Споредете го тоа со мечевите на Јунајтед, кои се мачат да креираат две или три шанси“, вели Инс.