Поранешниот фудбалер на Ливерпул и Манчестер јунајтед, Пол Инс вели дека Мохамед Салах страда од истиот „синдром“ како Пол Погба – „прегореност“ по настапите на Светското првенство во Русија.
Откако лани постигна 44 гола, најдобриот играч во Премиер лигата за 2017/18, Салах има само три гола во 11 настапи досега. Инс верува дека несреќната повреда од дуелот со Серхио Рамос во финалето на ЛШ против Реал Мадрид и настапите на СП во Русија го оставиле 26-годишниот напаѓач „исцрпен“, слично како Погба, кој блескаше за Франција при освојувањето на титулата.
„Да, Салах очигледно се мачи, но тој е прекрасен фудбалер. Не можете да го оставите на клупа, бидејќи Салах, Фирмино и Мане мораат да се заедно на теренот. Тој беше повреден и не беше целосно подготвен за Египет. Слично како Погба. Тој беше одличен за Франција, но не и за Јунајтед. Сум играл на големите натпреварувања и знам колку е тешко. Ментално и физички те исцрпува“, вели Инс.