Top Sport

Интер тргна надолу – Сасуоло со шокантна победа (видео)

Интер минатиот викенд го загуби првиот меч оваа сезона, а сега веднаш следуваше уште еден незгоден пораз, откако на стадионот „Мапеи“, Сасуоло ги шокираше „нераѕурите“ со импресивна 1:0 победа.

Диего Фалчинели беше човекот на одлуката, откако Матео Политано од својата половина истрча речиси цел терен за да додаде совршено до Фалчинели, кој со глава го совлада Хандановиќ. Фалчинели по постигнатиот гол удри со рамото во дирекот, по што мораше да добие медицинска помош.

Интер имаше шанса да израмни на почетокот на второто полувреме, кога Мауро Икарди од белата точка го најде само голманот Андреа Конѕиљи.

Наполи пак, двапати се враќаше од негатива за да стигне до 3:2 победа над Сампдорија со која се врати на првото место во Серија А, барем до вечерашното дерби меѓу Јувентус и Рома.

Гастон Рамирез уште во втората минута донесе водство на гостите,  пред Алан да израмни во 16-тата минута. Самп повторно поведе во 27. минута, кога Кваљарела од белата точка беше прецизен, но Лоренцо Инсиње и Марек Хамшик во шест минути од 33-тата до 39-тата минута го комплетираа пресвртот за три поени.

Џенова со Горан Пандев во составот стигна до тешка победа над фенерџијата Беневенто, откако Лападула погоди од пенал во 92-рата минута од мечот.

СЕРИЈА А, 18.КОЛО

Џенова – Беневенто 1:0

Наполи – Сампдорија 3:2

Сасуоло – Интер 1:0

СПАЛ – Торино 2:2

Удинезе – Верона 4:0

Scroll to Top