Top Sport

Иран ќе ја пријави Грција за откажувањето на пријателскиот меч

Репрезентацијата на Иран нема да успее да организира дополнителен пријателски меч пред Мундијалот во Русија, откако прво им откажа Грција, за потоа и Косово да потврди дека не може да настапи.

Тимот на Карлос Кеирош се надеваше дека во сабота ќе игра со Косово во Истанбул во бргу организиран меч откако Грција во последен момент го откажа договорениот дуел. Иранската федерација најави дека ќе ги пријави Грците до ФИФА.

„Барањата на Косовската фудбалска федерација беа неприфатливи и мечот не можеше да се организира. Иранската федерација ќе ги пријави Грција до ФИФА и ќе бара отштета. Додека ФИФА не се објасни, Иран ги прекинува сите односи со грчката фудбалска федерација“, се вели во соопштението на Иранската фудбалска федерација.

Единствен меч пред Мундијалот за Иран ќе биде дуелот против Литванија во Москва на 8 јуни. Иран е во група со Мароко, Шпанија и Португалија.

Фото: ЕПА

Scroll to Top