Ирскиот аматерски фудбалски клуб Балибрак мораше да се извини на Фернандо Нуно Ла Фуенте, еден од своите фудбалери и на сите навивачи, откако по грешка објавија дека тој загинал во сообраќајна несреќа на патот до неговиот дом од тренингот минатиот четврток.
Всушност, Нуно Ла Фуенте едноставно си заминал од клубот и се преселил во градчето Галвеј каде што нашол нова работа. Но, додека се дозна ова, локалната лига го одложи мечот на Балибрак, а другите клубови од лигата носеа црна лента на рацете и оддадоа минута почит пред стартот на мечевите. Откако од лигата се обиделе да понудат помош за семејството на фудбалерот, се дознала вистината.
„Добивме информација дека младото момче починало и побаравме од секретарот на лигата да дознае кога е погребот за да пратиме претставник на лигата и да понудиме финансиска помош на семејството. Добивме вести дека неговото тело е пратено во Шпанија и тоа ни беше сомнително и дознавме дека тој само си заминал“, вели претседателот на лигата, Дејвид Моран.
Балибрак пак, одговорија дека се работи за „сериозна и неприфатлива грешка“ од нивна страна. Ирското радио „РТЕ“ успеа да го најде Нуно Ла Фуенте и тој открива дека првпат дознал дека нешто не е во ред кога го избришале од „Ватсап“ групата на Балибрак.
„Седев дома по работа и играв видео-игри, кога добив повик и ми кажаа дека станав славен и мртов. Сериозна грешка од нивна страна, но за мене малку смешно, бидејќи не сум мртов“, изјави Нуно Ла Фуенте.