Извршниот директор на Милан, Марко Фасоне, признава дека тимот можеби ангажирал премногу фудбалери во летниот преоден рок што влијаело во формата на тимот.
„Росонерите“, откако четврта сезона по ред не успеаја да влезат во Лигата на шампионите, и „охрабрени“ со новите кинески сопственици, потрошија 194 милиони евра да донесат дури 11 фудбалери на „Сан Сиро“, вклучувајќи ги Леонардо Бонучи, Андре Силва и Хакан Чалханоглу. Ова не ја поправи формата на тимот и тренерот Винченцо Монтела беше отпуштен откако тимот заврши на седмото место со 16 поени заостанување зад градските ривали Интер.
Фасоне, признава дека ваквото засилување било грешка.
„Новите засилувања? Би ги направил повторно, но тоа не значи дека не направивме неколку грешки. Има некои работи кои не би ги направиле повторно, што не кажува нешто лошо за играчите. Има некои кои потфрлија досега, но невозможно е Бонучи и Лукас Биља да не го кренат своето ниво. Дали потпишавме со премногу играчи? Можно е. Направивме многу проценки, но сфативме дека е тешко да се направи тим толку бргу. Сега, клучно, е да ги вратиме тие шест-седум поени кои ни недостасуваат за четвртото место“, вели Фасоне во интервју за „Радио уно“.