Една недела фудбалскиот свет е окупиран со информациите за можниот трансфер на Кристијано Роналдо од Реал Мадрид во Јувентус. Познато е дека Јувентус е подготвен за Португалецот да плати помеѓу 100 и 120 милиони евра, односно на најдобриот играч во светот му нуди годишна плата од 30 милиони евра.
Јасно е дека Кристијано Роналдо е незадоволен од односот на Реал кон него, но нејасно и предмет на шпекулации е зошто тој го одбрал Јувентус, а не некој друг клуб што би му понудил поголема годишна плата?
Логично објаснување понудил адвокатот Сеџо Сирабела. тој тврди дека данокот е причината поради која Португалецот го одбрал Јувентус и Италија.
Даноците во Италија се многу пониски од оние во Шпанија, а познато е колкави проблеми имаше изминатите две години Роналдо со шпанските даночни власти. Тој ќе мора да плати 19 милиони евра казна бидејќи затајувал данок во оваа земја.
Незадоволството на Португалецот почнува тука, откако претседателот на Реал, Флорентино Перез, ја одбил можноста клубот да ја плати казната. Кога тука ќе се придодаде и незадоволството на Португалецот што има речиси двојно помала плата од опонентот Лионел Меси, тогаш е јасно зошто сака да го напушти „Сантијаго Бернабеу“.
Италија, со новиот даночен закон од 2017 година, сака да ги привлече големите ѕвезди да живеат во оваа држава. За илустрација, од сите свои договори и маркетинг права, Роналдо во Италија, најмногу би плаќал данок од 100.000 евра годишно.
„Оваа ситуација со данокот е воведена за да се привлечат големите странски ѕвезди да дојдат во нашата земја. Италија е една од ретките европски држави која има толку привлечен даночен систем“, рекол адвокатот Сирабела.