Поранешниот претседател на Италијанскиот олимписки комитет (ЦОНИ), Франко Караро вели дека националната катастрофа – неуспехот на фудбалската репрезентација да се пласира на СП во Русија ќе ја чини економијата на Италија неверојатни милијарда евра.
Тимот на Џанпјеро Вентура го загуби двомечот со Шведска, откако во понеделникот одигра 0:0 против Шведска, не успевајќи да ја надополни разликата од 1:0, по што првпат од 1958 година, Италија нема да е на фудбалски Мундијал.
Не само што италијанските тифози нема да одат во Русија и нема во националниот дрес да ги гледаат Џанлуиџи Буфон, Андреа Барѕаљи и Даниеле де Роси, туку и економските последици ќе бидат огромни.
„Зборуваме за сума од 500 до 600 милиони директна загуба, а ако зборуваме и за индиректната загуба, стигнуваме до сума од над една милијарда евра. Претседателот на Италијанската фудбалска федерација, Карло Тавекио изјави дека се потребни 48 часа да се погледне во огледало, да ја процени ситуацијата, и ако смета дека постојат услови, треба да остане“, вели Караро.