Поранешниот хрватски репрезентативец Иван Класниќ изминатата ноќ во Загреб доби нов бубрег.
За Класниќ ова е трета трансплатација откако пред десет години дозна дека има дисфункција на бубрегот, кога и почна неговата животна битка. Првата трансплатација му беше извршена во 2007 година, но телото го отфрли бубрегот што му го донираше неговата мајка.
Втората трансплатација мина успешно, а донатор беше неговиот татко. Во меѓувреме Класиниќ се чувствуваше добро, дури почна повторно да игра фудбал, но потоа неговото тело го отфрли и вториот дониран бубрег.
Поради откажување на бубрезите, Класниќ изминатата година одеше на дијализа трипати неделно.
Тој синоќа е опериран во Загреб, а не е познато кој е донаторот. По двете трансплатации на бубрези од членови од семејството, во организмот биле создадени антитела против донираните бубрези, поради што овој пат донатор не можел да биде некој од семејството.
„Немојте да се лутите, јасно ви е зошто не можам да откривам детали. Можам само да кажам дека операцијата мина успешно, а доколку ви требаат други информации, ќе мора да ги побарате од раководните луѓе на болницата или да се обидете да разговарате со Иван кога малку ќе закрепне“, рекол докторот кој ја извршил трансплатацијата, Стипислав Јадријевиќ.
Иван Класниќ е поранешен фудбалер на Сент Паули, Вердер, Болтон и Мајнц. Во дресот на Хрватска одиграл 41 натпревар, на кои постигнал 12 голови.