Холандскиот шампион Феенорд го совлада Хераклес 3:1 и се пласира во четврт-финалето на купот, каде за противник ќе го има лидерот во првенството ПСВ Ајндховен. Но дуелот со Хераклес не го обележаа стрелците, голманите, навивачите или добрата игра, туку напаѓачот на Феенорд Михел Крамер кој целиот натпревар седеше на клупата на резерви.
Крамер, на полувремето, кога играчите од клупата добиле инструкции да се загреваат, не го направил тоа, туку јадел сендвич.
Поради тоа Феенорд реши да го казни парично и да го суспендира од тимот на еден натпревар.
„Тоа е непрофесионално и такви работи клубот нема да толерира. Ваквото однесување не се вклопува во нашиот тим и не е добар пример за другите“, истакнал генералниот директор на Феенорд, Мартин ван Гел.
Искусниот Крамер е роден пред 29 години во Ротердам. Во кариерата играл за НАЦ Бреда, Волендам и Ден Хаг, а од 2015 година е во Феенорд. Сезонава одиграл 16 натпревари и постигнал три гола.