Top Sport

Јанг со предупредување до „полудените“ Англичани: Уште не сме освоиле ништо

Англија ќе го игра првото полуфинале на едно Светско првенство од 1990 година, кога во среда ќе се судри со Хрватска, и на „островот“ сите одеднаш живеат за фудбалот и порачуваат дека „фудбалот се враќа дома“.

Фудбалерот на Манчестер јунајтед и на англиската репрезентација, Ешли Јанг вели дека уште нема никаква причина да се слави полуфиналето бидејќи „уште не освоиле ништо“. Јанг, кој стартуваше четири од петте англиски натпревари вели дека не треба да има еуфорија.

„Уште не сме освоиле ништо, така што нема причина да се слави. Убаво е да се победи, но прославата треба да биде тивка бидејќи пред нас имаме големи мечеви. Имаме голема шанса да го освоиме трофејот првпат од 1966 година, бидејќи се поставивме во таква ситуација“, објаснува Јанг.

Иако Марио Манџукиќ изјави дека Хрватите не се уморни по два меча по 120 минути против Данска и Русија, Јанг смета дека тоа што во четврт-финалето Англичаните ја завршиле работата за 90 минути против Шведска (2:0) им дава мала предност.

„Физички е многу тешко да играш 120 минути, а потоа пак да леташ до својата база. Ние го почувствувавме тоа, но тие го направија двапати што може да биде мала предност. Мораме да бидеме подготвени за 120 минути“, додава Јанг.

Фото: ЕПА

Scroll to Top