Манчестер јунајтед со „делумна измама“ стигнале до Сер Алекс Фергусон во 1986 година, вели тогашниот претседател на клубот, Мартин Едвардс.
Откако шефовите на „Олд Трафорд“ решиле да го отпуштат тогашниот шеф Рон Еткинсон, Едвардс вели дека тие имале само едно име на листата на желби – тогашниот тренер на шкотскиот Абердин, Фергусон.
Едвардс вели дека еден директор на Јунајтед решил да зборува со шкотски акцент и се преправал дека е агентот на Гордон Страхан за да може воопшто да зборува со Фергусон.
„Секако, не можев само да го кренам телефонот до секретарката на Абердин и да ѝ кажам, ова е Мартин Едвардс, дајте ми го Алекс Фергусон. Еден од директорите доби идеја да зборува со шкотски акцент и да се преправа дека е агент на Гордон Страхан“, открива Едвардс.
Фергусон ги импресионираше Јунајтед откако освои три титули и четири купа со Абердин, но главната одлука била донесена откако Абердин го совлада Реал Мадрид за Купот на победниците на купови.
„Кога зборував со Алекс му кажав дека вреди да дојде да поразговара со нас. Тоа беше уште пред да го отпуштиме Рон. Немаше друг на листата. Алекс ни помогна да потпишеме договор со Гордон Страхан и така лично се запознав со него“, додава Едвардс.
Остатокот од приказната е како што велат – историја. Фергусон освои 13 титули со Јунајтед и две титули од Лигата на шампиони.