Top Sport

Јунајтед сакаат младост, се откажуваат од Кејн

Манчестер јунајтед нема да понудат 120 милиони фунти за напаѓачот на Тотенхем, Хери Кејн ова лето, и преферираат да го добијат Џејдон Санчо од Борусија Дортмунд и потоа да почекаат година дена за обид да го добијат неговиот соиграч Ерлинг Халанд, како долгорочно решение за напаѓачката позиција, тврди британскиот „Дејли мејл“.

Според нивните извори, Солскјер веднаш по поразот во финалето на Лига Европа од Вилјареал во средата, со новиот директор за фудбал Џон Мурто ги правел плановите за трансфери ова лето, и во нив го нема англискиот капитен Кејн.

Бидејќи Единсон Кавани потпиша едногодишно продолжување на договорот, напаѓачката позиција не е приоритет, а Солскјер останува на мислењето дека се потребни млади фудбалери – 21-годишниот Санчо има 10 гола во последните 15 меча со Дортмунд, и за него би платиле околу 100 милиони евра, бидејќи клубот ќе биде ограничен на околу 175 милиони евра буџет за трансфери ова лето. Со ова, Јунајтед ќе избегнат скапо наддавање за Кејн со Манчестер сити, посебно бидејќи Кејн има уште три години од договорот со Тотенхем.

Солскјер останува сигурен дека следното лето ќе го убеди својот поранешен играч Халанд (кому му беше тренер во норвешкиот Молде) да потпише за „ѓаволите“, посебно бидејќи тогаш ќе биде валидна неговата откупна клаузула од релативно ниски 65 милиони фунти.

Scroll to Top