Јуп Хајнкес призна дека е горд што станал првиот човек кој стигнал до 500 победи во Бундеслигата, иако по 3:0 победата на Баерн над Аугзбург не беше свесен дека стигнал до таа цифра.
Со двата гола на Роберт Левандовски и уште еден удар на Артуро Видал, Баерн стигна до рутинска победа за да се одвојат на шест поени пред Лајпциг, откако тие одиграа 2:2 со Баер Леверкузен. Хајнкес сега има 500 победи од 1.016 меча како фудбалер и тренер, иако не му беше јасно дека стигнал до рекордот.
„Не можам да кажам дека не ми значи ништо, тоа би било погрешно. Бројката е одлична, но бев фокусиран само на овој натпревар, а не на статистиката. Не мислев дека некогаш ќе стигнам до ваков јубилеј“, вели Хајнкес, кој има 174 победи како играч и 326 победи како тренер.
72-годишниот Јозеф „Јуп“ Хајнкес поголемиот дел од кариерата како играч ја помина во Борусија Менхенгладбах во славните години на тимот во 1960-тите и 1970-тите, каде што освои повеќе титули од Бундеслигата и трофеј од УЕФА купот, а загуби и во Купот на шампиони во 1977 година од Ливерпул. Тој е трет најдобар стрелец во историјата на Бундеслигата со 220 голови, а беше дел и од германската репрезентација која победи на Европското првенство во 1972 година и на Светското првенство во 1974 година.
Како менаџер, Хајнкес освои три титули од Бундеслигата со Баерн Минхен и две титули од Лигата на шампиони – една со Реал Мадрид во 1997/98 и уште една со Баерн во 2012/13.
Баерн го „прегази“ Аугзбург и отвори разлика од шест поени (видео)