Тренерот на Верона Иван Јуриќ жестокот ги критикуваше челниците на Серија поради пеколниот распоред што го имаат клубовите во последните два месеци. Според него само поради парите била рестартирана сезоната која во март беше суспендирана поради коронавирусот.
Јуриќ, кој пред три дена го продолжи договорот со Верона не го криел незадоволството по вчерашниот пораз на неговиот тим од Лацио (1:5).
„Играме поради парите и ТВ правата. Ова не е фудбал, нема вистински емоции. Се обидуваме да дадеме се од себе, играчите прават се што можат, тие се фантастични. Некои од нив земаат таблети против болки“, рекол хрватскиот тренер.
И тој како и неговиот колега од Болоња Синиша Михајловиќ смета дека фудбалот е поинаков кога трибините се полни.
„Фудбалот е поинаков кога има публика, емоциите се поинакви. Мислам дека овој фудбал не вреди многу“.
Верона на два кола до крајот на сезоната се наоѓа на деветтото место во Сериј А со 46 бода.