Великанот на Милан, Кака признава дека тој и неговите соиграчи се плашеле од реприза од Истанбул во текот на финалето од Лигата на шампионите во 2007, но дека победата од 2:1 над Ливерпул била „знак од Бог“.
Во 2005 година, „росонерите“ мислеа дека се на чекор до трофејот откако водеа со 3:0 на полувреме против „црвените“, пред Ливерпул да израмни на 3:3 во второто полувреме и да ја освои титулата на пенали во славното „Чудо од Истанбул“ за навивачите на англискиот клуб.
Кака признава дека и во Атина во 2007 стравувале од враќање, откако по двата гола на Филипо Инзаги, Дирк Кујт намали на 2:1.
„Тоа беше страшно, страшно. Кога го дадоа голот се вратија спомените од 2005. Тоа беше битка на волјата на двата тима, но за среќа изддржавме и славевме на крај“, вели Кака.
Бразилецот, кој е познат по својата религиозност, ја заврши сезоната 2006/07 во ЛШ како најдобар стрелец со 10 гола, и ја освои „Златната топка“, но вели дека Милан не барал одмазда во тој меч.
„Тоа беше знак од Бог, не случајност. Внатре имавме чувство дека е нешто посебно. Не сакам да го нарекувам одмазда или враќање, но беше магично и прекрасно“, вели 38-годишниот Кака.