Top Sport

Како Челси и Вулверхемптон со саудиските пари ќе го „зезнат“ финансискиот ферплеј

Гери Невил побара Премиерлигата да почне со итна истрага за огромните суми пари кои Саудиска Арабија планира да ги пушти во летниот преоден рок, посебно во Челси и Вулверхемптон, сметајќи дека се работи за очигледно „перење“ на пари.

Саудиската Про лига е заинтересирани за повеќе играчи на Челси, како и за фудбалерот од средниот ред на Вулфс, Рубен Невеш, со што би влегле средства во двата клуба за „олеснување“ на правилата за финансиски ферплеј.

„Премиерлигата треба да ги разгледа овие саудиски трансфери веднаш. Регулаторите мора да го спречат ова во самиот почеток. Ако не изгледа исправно, тогаш најверојатно не е исправно. Потребна ни е независност на лигата“, напиша Невил.

Челси се клуб кој посебно мора да ги реши проблемите околу финансискиот ферплеј, откако потрошија 600 милиони фунти во последните два преодни рока и беа поставени на листата на УЕФА на клубови на кои „мора да им се обрне посебно внимание“. Покрај тоа, „Јавниот инвестициски фонд“ (ПИФ) на Саудиска Арабија, инаку сопственици на Њукасл, се едни од главните инвеститори во „Клирлејк капитал“, газдите на Челси.

Н’Голо Канте е блиску до трансфер во актуелниот шампион Ал-Итихад, Ал-Хилал се обидува да го донесе Калиду Кулибали, додека клубот кај што игра Кристијано Роналдо, Ал-Наср даде понуда за Хаким Зијеш и Пјер-Емерик Обамејанг. Вулверхемптон пак ја чекаат реализацијата на трансфереот на Португалецот Рубен Невеш во Ал-Хилал за рекордни за клубот 47 милиони фунти.

Scroll to Top