Top Sport

Како добрите познаници Пеп и Жозе станаа „крвни непријатели“?

Да се победи Жозе Мурињо не е „специјална ситуација“ за менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, вели Каталонецот пред денешното големо градско дерби на „Олд Трафорд“.

По три манчестерски дербија минатата сезона со по една победа и едно реми, жестокоста во односите на двајцата стручњаци полека се враќа. Мурињо не помогна, откако ги обвини играчите на Сити дека обожават да „симулираат“ и се праша зошто на Гвардиола му е дозволено да носи жолта лента за поддршка на затворените политичари во Каталонија.

Гвардиола сакаше да биде посмирен и изјави дека нивните односи сега се „многу подобри“, иако двајцата се држат на дистанца.

„Сме се сретнале многу пати во големите моменти. Победуваме и губиме. Верувам дека тоа ќе се случува и следните 10, 20 или зошто да не, 30 години – тој ќе победува, јас ќе победувам. Моето мислење за тоа што го остварил нема да се смени. Знам дека различно гледаме на фудбалот и тоа е нормално. Сакаме да се натпреваруваме, но верувајте не е посебна ситуација кога ќе победам тим предводен од Мурињо. Ги почитувам моите колеги многу, посебно Жозе“, изјави Гвардиола.

Приказната за Пеп и Жозе е посебно интересна. Во 1996 година Мурињо пристигна во Барселона како преведувач, и како врска меѓу англискиот тренер Боби Робсон и играчите. Гвардиола беше идентификуван како еден од лидерите.

„Беа навистина пријателски расположени“, вели Робсон.

Мурињо останува во Барса и под Луис ван Гал до 2000 година. Кога прославува една титула на Блауграна извикува: „Денеска и засекогаш, Барса во моето срце!“. Осум години подоцна, во 2008 година, Мурињо има презентација пред спортскиот директор Чики Бегиристаин и потпретседателот Марк Ингла за испразнетото тренерско место. Двајцата се импресионирани, но и внимателни околу конфликтниот Португалец. Затоа се решаваат за Гвардиола, кому единствен успех му е кревањето на Барса Б од четвртата во третата лига. Тука почнува омразата на Мурињо кон Барселона.

Во 2010 година, Мурињо на чело на Интер се среќава со Барса во полуфиналето на ЛШ. Каталонците со шест титули во првата година со Гвардиола се фаворити, но Барса во Милано губи со 3:1. Интер поминува во полуфиналето, по што Мурињо со спринт на теренот покажува со прст на устата кон навивачите на Барса.

Една година откако Мадрид го ангажираше Мурињо да го сопре Гвардиола и Барселона, се случува да се играат четири дербија во 18 дена. По финалето на Кралскиот куп, кој Мадрид го добива со 1:0, Гвардиола се буни за исправна одлука на судиите, по што Мурињо го исмева. На прес-конференцијата пред полуфиналето во ЛШ, Гвардиола директно во камерите му се обраќа на Мурињо.

„Тука, Мурињо е е.аниот шеф. Не сакам да се борам тука. Но, фудбалот се игра на терен“, вели Гвардиола.

Во август 2011, Реал и Барса влегуваат во дуел во Шпанскиот суперкуп. Во жесток дуел, Марсело се втурнува во Цеск Фабрегас и следува мешаница. Додека се делат црвени картони Мурињо со прст го погодува во око помошникот на Гвардиола, Тито Виланова. Фановите на Мадрид со банер: „Му, твојот прст го покажува правецот“.

Во 2013 двајцата имаат нови тимови. Гвардиола е во Баерн Минхен, Мурињо во Челси. Дуел од Супер купот во кој Баерн победува на пенали откако Рамиреш добива црвен картон.

„Секогаш кога играм со Пеп завршувам со 10 луѓе. Тоа мора да е ново правило на УЕФА“, вели Мурињо.

Во 2014 година на форум на тренери на УЕФА, Мурињо и Гвардиола се расправаат за должината на тревата – Гвардиола вели дека не смее да биде подолга од 1.5 сантиметар за да се забрза играта, Мурињо не се согласува.

„Кога уживаш во тоа што го правиш не ја губиш косата, а Гвардиола е ќелав. Тој не ужива во фудбал“, коментира Мурињо.

Во 2016 година, ривалството стивнува. Двајцата стануваат тренери на тимовите од Манчестер. Мурињо вели дека нема смисла да го дестабилизира Гвардиола во Премиер лигата, бидејќи другите ривали можат да го искористат тоа. Но, оваа година, само Гвардиола и Сити се на патот на Јунајтед кон титулата…

Scroll to Top