Во првиот тим на Хајдук повторно се приклучи Никола Калиниќ(35). По пауза од неколку месеци, официјално потпиша договор со клубот до крајот на актуелната сезона. Договорот на Калиниќ со Хајдук истекуваше на крајот на јули минатата година, а тој тогаш реши да паузира неколку месеци. Калиниќ ќе игра во Хајдук за едно евро месечно до истекот на договорот.
Ова го потврди спортскиот директор на клубот Миндаугас Николичиус: „Што се однесува до финансиите, најлесно беше во трите години колку што сум во Хајдук. Се договоривме за 1 евро од неговата плата. Тој сака да помогне Хајдук и да ја освои титулата, тоа е единствената причина зошто се врати“.
Калиниќ професионалната кариера ја започна во Хајдук, од каде во 2009 година замина во Блекбурн за седум милиони евра.
Така започна неговата кариера, во која играше за Днипро, Фиорентина, Милан, Атлетико Мадрид, Рома и Верона. Има 32 настапи и 15 гола за хрватската репрезентација која ненадејно ја напушти среде Светското првенство 2018 година.