Напаѓачот на Хрватска, Никола Калиниќ, се врати дома откако селекторот Златко Далиќ го отстрани од националниот тим. Калиниќ, одбил да влезе во игра во финишот на натпреварот против Нигерија (2:0) со образложение дека го боли грбот.
Без да крене многу врева, селекторот Далиќ, му наложил на Калиниќ да ја напушти репрезентацијата, бидејќи во тимот му биле потребни „само здрави фудбалери“.
Денес во Сплит, Калиниќ бил пречекан од поголема група новинари, но тој не бил расположен за разговор.
„Што да ви кажам, знаете дека не смеам да зборувам. Ќе ви се јавам доколку сакам да разговараме“, им рекол напаѓачот на Милан на новинарите.
Хрватска, в четврток, против Аргентина ќе го одигра вториот натпревар на СП во Русија.