Норвешкиот фудбалер од Борусија Дортмунд, Ерлинг Халанд ќе биде една од ѕвездите на претстојниот летен преоден рок.
За фудбалерот кој сезонава на 38 меча постигна 37 гола ќе се борат најголемите европски клубови, а тој се поврзува и со трансфер во Баерн Минхен.
Сепак, легендата на Баерн и еден од водечките оперативци во клубот, Оливер Кан во разговор за „Билд“ вели дека Халанд нема шанси да дојде на „Алијанц арена“ затоа што е прескап.
„Жал ми е, но оние кои зборуваат дека мора да го купиме, едноставно не ја разбираат ситуацијата. Пакетот околу Халанд чини повеќе од 100 милиони евра, па во моментов тој не е опција за Баерн. Кога пред година ипол влегов во Извршниот одбор финансиската ситуација беше поинаква“ рече Кан.
Тој додава дека Баерн и понатаму може да се потпре на Роберт Левандовски кој со 33 години игра во животна форма.
„Роберт е со нас под договор уште 2 години, само во Бундеслигата постигна 39 гола сезонава и му недостасуваат уште 2 да го надмине рекордот на Герд Милер од 1972-ра. Тој може да игра на ова ниво уште неколку години, па затоа сега нема потреба да размислуваме за Халанд“ смета Оливер Кан.